Sistina Oftalmologija Svjetlost Klinika
Sistina Oftalmologija

300 гости на регионалниот II симпозиум „Новитети во офталмологија“ на „Систина Офталмологија“ и „Свјетлост“

И оваа година, „Систина Офталмологија“ во соработка со универзитетската клиника „Свјетлост“, Загреб, го организираше II-от симпозиум „Новитети во офталмологија“, кој беше одобрен од Лекарска комора на Македонија. Симпозиумот се одржа во конференциските простории на хотел „Мериот“ во Скопје, на 04-ти Ноември.

Интегралниот пристап во решавањето на очните проблеми беше главен фокус на симпозиумот. Околу 300 гости (офталмолози, општи доктори, ендокринолози и специјализанти од медицински факултет) од Македонија, Косово, Албанија и Хрватска беа присутни на настанот.

Симпозиумот се состоеше од два блока. Во првиот блок, во делот на катарактната хирургија свои предавања имаа д-р Анте Баришиќ („Свјетлост“) и д-р Златко Арнаудовски („Систина Офталмологија“). Зборуваа за предноста на модерната катарактно-рефрактивна хирургија и искуството на пациентите со новите монофокалните леќи со продолжен фокус (кои функционираат како мултифокални леќи).

Потоа, следеше делот на рефрактивната хирургија каде д-р Маја Бохач („Свјетлост“) и д-р Билјана Костовска („Систина Офталмологија“) ја објаснија примената на атенскиот протокол на третман на кератоконус со ПРК, како и предноста на факичните леќи кај пациенти кои имаат висок диоптер. Д-р Фанка Гилевска („Систина Офталмологија“) прикажа низа случаеви на позитивен резултат на пациенти со дијагноза кератоконус, после третман со крослинкинг и значително подобрен вид со Rose K леќите.

По кратка пауза, започна и вториот блок на предавања за витреоретиналната хирургија. Д-р Ратимир Лазиќ („Свјетлост“) и д-р Илир Османи („Систина Офталмологија“) покажаа и објаснија кратки видеа од комплицирани хирушки случаеви на повреди на очи, аблација на ретина и сл., кои се прават и во „Свјетлост“ (Хрватска) и во „Систина Офталмологија“ (Македонија).

Оваа година свое предавање имаше и д-р Викторија Филева, за дијагнозата и третманот на страбизмот во „Систина Офталмологија“, додека проф. д-р Никица Габриќ направи поврзување на искуството на докторите и преносот на нивното знаење на своите млади колеги со предавање на тема „Менаџер или лидер“.

Како изгледаше и што се случуваше на II-от симпозиум „Новитети во офталмологија“, може да погледнете на нашата фејсбук страна и во телевизиските репортажи на 24Вести, Телма, Канал 5, Алсат М, ТВ Коха, МРТ.